За Нас


Основна дејност на сноуборд клубот Полар е организирање на  школи, кампови и натпревари за сноубординг, скијање и вејкбординг. Дополнително клубот се занимава и со организација на кампови за планински велосипедизам, виндсурфинг, планинарење, риболов и слични спортски активности во природа. Во клубот Полар работат 16 тренери со меѓународно признати лиценци и членуваат просечно по 100-тина членови годишно.


Тренинзи

Активни сме и тренираме во текот на целата година. Тренинзите ги одржуваме секој понеделник, вторник и четврток во фискултурната сала во ОУ „Јан Амос Коменски“. На тренинзите работиме вежби за подобрување на кондицијата и координацијата и играме спортски игри како фудбал, кошарка и одбојка. Како особена атракција од нашите тренинзи би ги издвоиле скоковите и вежбите кои ги изведуваме на трамбулина. Во периодот кога кај нас нема снег, клубот организира подготовки за своите членови во скијачките центри на глечерите во Австрија или пак како алтернативен начин на тренирање се занимаваме со вејкбординг, скијање на вода, виндсурфинг, велосипедизам, скејтбординг, возење ролери, планинарење, рибарење…


Цели


Постигнувањето што е можно подобри спортски резултати е особено важна цел за нас, но наша основна амбиција е да анимираме и вклучиме што е можно повеќе млади луѓе во вака организирани спортски активности. Ние сме сигурни дека ова е начинот на кој ќе придонесеме во правилен раст и развој на личноста на младиот човек. Имајќи го ова на ум организираме и посети на театарски и кино претстави, посети на концерти и изложби, посети на културно историски споменици и сл. Низ сите овие активности се стимулира тимскиот дух, здравите навики и се прави превенција на сè она што претставува порок на современото општество како дрога, алкохол, цигари… На овој начин клубот Полар ја остварува една од основните функции на спортот – социјалната.


Привилегии

Најважната привилегија за секој член на клубот е тоа што добива шанса да се занимава со интересни спортови под надзор на професионалци. Повеќето од овие спортски активности се поврзани со престој во природа и многу дружење. Сноубордингот нуди слобода на движењето но не само она физичкото туку и духовното. Тука има многу простор за филозофирање. Некои други привилегии се на пример попустите во продавниците DROP IN, бесплатен сервис и резервни делови за целата опрема, и  попустите при вадење ски билети.


Поврзаност со останати институции

Поврзани сме со голем број на институции кои се дел од големото спортско семејство. Како поважни за нас би ги набројале: СФМ – Скијачката федерација на Македонија, ФИС – Интернационалната Скијачка федерација, АМС – Агенцијата за Млади и Спорт на Република Македонија, МАИСС – Македонската Асоцијација за Инструктори по Снежни Спортови, МОК Македонскиот Олимписки Комитет.


За школите

Од 1998 година па наваму вообичаено во месец јануари организираме сноуборд и ски школи и кампови. Со гордост истакнуваме дека во школите имаме просечно по 100-тина учесници. Организираме престој на планина во кој вклучуваме полн пансион, превоз, часови за сноуборд и скијање, можност за изнајмување на опрема, видео анализа на тековниот ден и одржување на опремата. Во периодот после скијањето организираме разни социјални и спортски игри, гледање на филмови, разговори и советувања.


За тренерите

Школата ја водат лиценцирани тренери кои минимум еднаш годишно ги обновуваат своите знаења на семинари во организација на клубот. Важно е да се истакне е дека сите повозрасни тренери имаат високо академско образование. Инструкторско-тренерските дипломи кои ги поседуваме се од IFSI – (INTERNATIONAL FEDERATION OF SKI-INSTRUCTORS) која е најреномираната институција во светот за оспособување на кадар за учители за снежни спортови.

Звањето кое нашите тренери го имаат е – Snow Sport Instruktor – Учител 1, 2 и 3 – што би значело дека ти се оспособени и за обука за вештините на сноубордингот и скијањето и истовремено оспособени во целост да се грижат за деца и возрасни во однос на нивното време поминато на снег.


Тренери во клубот се:

Сноубординг

U 3

  1. Кирил Насков

U 2

  1. Горан Каркински – Крка
  2. Драган Симеоновски
  3. Максим Наумовски
  4. Предраг Поповиќ – Пеџа
  5. Марко Нововиќ
  6. Иво Корчуланин
  7. Андреа Угриновска
  8. Георги Костадиноски

U 1

  1. Александар Насков
  2. Марко Ленчевски
  3. Бојан Атанасовски
  4. Александра Ивановска
  5. Ана Пајковска
  6. Димитар Делевски
  7. Ивана Стојмировска
  8. Марио Ристовски

Скијање

  1. Кирил Насков
  2. Иво Корчуланин
  3. Иле Попов
  4. Ели Крајческа
  5. Борче Јаневски

Зачленување

Секој заинтересиран поединец може да стане член на клубот Полар доколку е на возраст од 8 до 78 години. Сè што треба да направи е да стапи во контакт со некој од тренерите во клубот и да пополни пристапница за членство.


Историја

Сноуборд клубот “Полар“ од Скопје е основан во 1996 година. Основач на клубот е Борче Јаневски – Шуки заедно со Перхан, Масле, Викса, …(извинување до сите кои сме ги изоставиле) на кои сме им благодарни бидејќи меѓу првите на Балканот имавме ваков клуб.


Организација на натпревари

Клубот Полар е повеќегодишен организатор на Европскиот куп и ФИС натпреварите во сноубординг во Македонија.


©CopyRight Polar.mk 2017